Жозе Мурињо вчера одлучи да не се појави на прес-конференцијата по минималната победа на Реал Мадрид над Виљареал (1-0), во натпреварот од осмото коло во шпанската Ла Лига, кој го одбележаа спорни судиски одлуки и црвениот картон на Винисиус Жуниор.
Португалскиот тренер во текот на натпреварот не го криеше незадоволството од арбитражата, а кулминацијата се случи во 72. минута. Винисиус ја затресе мрежата на противникот, но по интервенцијата на ВАР, погодокот беше поништен, а бразилскиот напаѓач доби директен црвен картон поради потегот во кој го повлече за коса противничкиот фудбалер Нејтан Салиба.
Иако Реал на крајот стигна до трите бода, тензиите по последниот судиски свиреж не стивнаа. Мурињо одлучи да го избегне разговорот со новинарите, а неговиот потег дополнително ги засили шпекулациите за неговиот гнев поради судењето.
Според пишувањата на шпанските медиуми, Португалецот на своите соработници им порачал да објаснат дека нема да се појави пред новинарите бидејќи, доколку го стори тоа, би можел да каже работи поради кои би заработил суспензија за претстојните дуели со Севиља и Барселона.
Сепак, присуството на прес-конференциите е задолжително, па Мурињо би можел да се соочи со дисциплинска казна. Според најавите, најверојатното сценарио е тој да биде санкциониран парично.