Жозе Мурињо ја кажа својата страна од приказната за пропаднатиот трансфер на Родри во Мадрид, вели дека фудбалерот покажал одредени сомнежи и Реал е клуб од таков калибар што не може да има играчи кои двапати размислуваат дали сакаат да бидат дел од него.
Родри вчера потпиша за Барселона и покрај тоа што долго време се најавуваше дека ќе биде засилување за Реал Мадрид.
Изминативе денови имаше многу шпекулации за причините што донеле ваков пресврт, и се говореше дека „кралевите“ практично сами си го отежнале трансферот. Жозе Мурињо беше посочен како еден од виновниците, односно не му се јавил лично на Шпанецот за да му го презентира проектот.
Сепак, „специјалниот“ сега ја кажа својата страна од приказната и објасни зошто Родри не потпишал за Реал Мадрид.
„Разговарав со него неколку пати“ – вели Мурињо во интервју за „Ел Чирингито“. „Реал му понуди одлични услови. Клубот има добар однос со Манчестер Сити, па без да преговараме со нив, стапивме во контакт со Родри и му доставивме навистина добар предлог“.
„Родри се двоумеше, имаше сомнежи… а неговите сомнежи создадоа сомнежи и кај мене“.
„Реал Мадрид е клуб од таков калибар што не може да има играчи кои двапати размислуваат дали сакаат да бидат тука. Кога ќе стапите во контакт со играч, очекувате тој да ве праша „Кога треба да дојдам?“
Ангажманот на Родри се доживува како победа на Барселона над Реал Мадрид, а Жозе Мурињо за ова вели: „Победите не се освојуваат на трансфер пазарот. Победите се остваруваат на теренот и се мерат со освоени титули. Таму се вистинските победи“.
Тој исто така рече дека воопшто нема да му недостига Родри, дека имаат решенија, имаат квалитет и играчи кои можат да напредуваат.