Медиумите од Шпанија направија анализа на причините поради кои Родри решил да се пресели во Барселона, иако долго време се најавуваше дека неговата следна дестинација ќе биде во Реал Мадрид.
Родри синоќа пристигна во Барселона да го комплетира трансферот вреден околу 76,5 милиони евра.
Долго време се најавуваше дека Шпанецот ќе биде засилување за Реал Мадрид, но фудбалерот од средниот ред се предомисли во последен миг и го одбра лутиот ривал.
Како што пренесува Марка, „кралевите“ практично сами си го отежнале трансферот. Во таборот на Реал имало многу сомнежи околу стилот на игра на Родри, критичарите наводно тврделе дека тој „премногу ја забавува топката“ и дека на нив им треба „подинамичен профил и физички посилен играч“.
Дополнителен проблем бил и пристапот кон самиот фудбалер, првичниот контакт повеќе изгледал како формалност отколку како сериозен обид. Претседателот Флорентино Перез и директорот Хозе Анхел Санчез разговарале со Родри, но изостанал повик од Жозе Мурињо. Недостигот на личен ангажман бил особено забележлив со оглед на тоа што „специјалниот“ лично им се јавил на Марк Кукуреља и на Бернардо Силва, поранешниот соиграч на Родри од Сити.
Сосема спротивно, Барселона ја активирала целата своја „тешка артилерија“ за да се осигура дека трансферот ќе биде реализиран. Ханси Флик, Жоан Лапорта и Деко лично контактирале со Шпанецот за да му го презентираат проектот. Личниот пристап продолжил и во соблекувалната, каде неколку членови од тимот на Барселона му се јавиле на својот соиграч од репрезентацијата.
Голема улога одиграла и моменталната состојба во двата клуба. Барселона зад себе има две последователни титули во Ла Лига, јасен стил на игра и систем кој во голема мера се поклопува со оној на шпанската репрезентација.
Кај Реал Мадрид, пак, атмосферата во клубот дури била опишувана како „темпирана бомба“ по случувањата од финишот на минатата сезона и инцидентите на тренинзите.