Медиумите од Италија повторно шпекулираат со продажба на Интер, последните информации велат дека Шеикот Хамад бин Јасим бин Џабер Ал Тани сака да стане нов сопственик на „нероаѕурите“.
Американскиот инвестициски фонд „Оуктри“ стана сопственик на Интер во 2024 откако семејството Жанг и кинеската компанија „Сунинг“ не го вратија долгот од 395 милиони евра, па беше активирана хипотеката и преземена контролата над управувачкиот пакет акции.
Изминативе години често се говореше дека „Оуктри“ не сака да биде сопственик на Интер на долг рок и често кружеа гласини дека „нероаѕурите“ ќе бидат продадени.
Во последно време повторно зачестија шпекулациите на оваа тема, а новите информации велат дека Интер добива Шеик за газда.
Како што објави „Кориере дела Сера“, меѓу добро упатените во финансискиот сектор се споменува името „Ал Миркаб“, семејна инвестициска компанија со седиште во Доха, која управува со богатството на Шеикот Хамад бин Јасим бин Џабар Ал Тани.
Популарниот ХБЈ често престојува во Милано, и веќе се направени неколку зделки во Италија. „Ал Миркаб“ купи деловен имот на престижната улица Виа Монте Наполеоне број 8 од француската групација „Керинг“ во трансакција вредна околу 1,1 милијарда евра.
Неколку месеци подоцна, ХБЈ ја купил и вилата „Чертоза“ од семејството Берлускони.