„Сините“ попладнево му врачија отказ на Лијам Росениор кој може да биде прилично болен на финансиски план, стратегот имаше договор дури до јуни 2032 година.
Челси го чека нова голема исплата на компензација по отказот на тренерот Лијам Росениор.
Стратегот пристигна на „Стемфорд Бриџ“ во јануари како наследник на Енцо Мареска, а клубот имаше огромна доверба во него и му даде договор до јуни 2032.
Неговата авантура почна позитивно со шест победи на седум натпревари, но формата почна да оди во надолна линија и кулминираше со пет порази во низа без да биде постигнат гол, црна серија каква што „сините“ немале во последните 114 години.
Па Челси реши да му врачи отказ на Лијам Росениор по само три ипол месеци, или 104 дена.
Со оглед на тоа неговиот договор е до јуни 2032, уште утрово низ медиумите почнаа да кружат гласини дека „сините“ можат скапо да ја платат одлуката за разделба и таа да чини околу 24 милиони фунти.
Ова би значело една од најголемите исплати, Жозе Мурињо доби околу 23 милиони фунти за отказот во 2007 година, додека пак Антонио Конте доби околу 26 милиони во 2018 година.
Но неколку извори вечерва пренесуваат дека Челси сепак ќе куртули од мултимилионска исплата, во договорот на Лијам Росениор имало клаузула со која компензацијата ќе биде значително помала во случај на отказ.
Во моментов не се открива таа сума, па останува да се види колку ќе чини новата тренерска рокада.
ФОТО: X/Chelsea FC