Со десет победи по ред по паузата поради коронавирусот, Реал Мадрид убедливо измаршира до титулата во Ла Лига.
„Пресреќен сум за мојата втора лига титула. Веќе освоив 16 трофеи во Мадрид, четири во Лигата на шампионите, но оваа титула ме прави посебно среќен“, вели Лука Модриќ.
И покрај заминувањето на Роналдо, тие верувале дека ќе продолжат да освојуваат титули.
„Нема муабет за тоа колку важен беше Кристијано за Мадрид, но морам да кажам дека ние не бевме потресени од фактот што тој замина, не мислевме дека без него нема да можеме да освојуваме титули. Секогаш бевме уверени дека ќе продолжиме да победуваме и без него, тимот е пред сите и заедништвото не прави силни“.
Оваа сезона беше фантастична за Серхио Рамос кој дојде до 100 гол во 695 натпревари што е импресивна бројка за дефанзивец. Модриќ вели дека Рамос му е како брат.
„Мојот брат Серхио е феномен. И не го велам ова затоа што во осум години тука креиравме навистина посебна врска, поминувавме заедничко време со фамилиите, одевме заедно на одмор или затоа што заедно имавме успех во фудбалот. Рамос има 34-години и е како карпа, игра на највисоко ниво, кога ќе видите колку е посветен и колку сака да биде успешен. Тој е вистински лидер, најдобриот дефанзивец во светот. Неговата кариера кажува за тоа каков фудбалер е“.