Лука Модриќ денеска последен пат влезе во тренинг-центарот на Реал Мадрид во Валдебебас – местото што му беше секојдневие цели 13 години. Легендата на „кралевите“ се подготвува за својот последен настап во белиот дрес, откако утре со тимот заминува за САД на клупското Светско првенство.
Турнирот во Америка ќе биде последната страница во импресивната приказна на Модриќ со Реал. Од 2012 година досега има одиграно 591 натпревар и освоено 28 трофеи со шанса за уште еден, 29-ти, пред збогувањето.
Денешниот тренинг беше полн со емоции – навивачите пред влезот во кампот поставија транспарент со порака: „Вечниот Модриќ“, а вниманието беше насочено кон секој негов чекор.
Договорот на Модриќ истекува на 30 јуни, а клубот реши да не му понуди нов на 39 години. Сепак, му дозволи да го заврши патот во дресот на Реал на клупскиот Мундијал, кој трае до средината на јули.
Потоа, хрватскиот маестро се сели во Милан. Иако беше поврзуван со понуди од САД, Саудиска Арабија и Динамо Загреб, Модриќ го избра „Сан Сиро“ и потпиша со „росонерите“, кои минатата сезона ја завршија на 13. место во Серија А.