На големо изненадување, Јувентус попладнево соопшти дека Аркадиуш Милик го продолжил договорот до 30. јуни 2027, напаѓачот оваа сезона не одигра ниту една минута, последниот настап му беше пред 352 дена.
Аркадиуш Милик го повреди коленото во јуни месец минатата година, Јувентус се надеваше дека напаѓачот ќе се врати на терените во ноември, па потоа се говореше дека Полјакот се враќа на крајот од декември, за датумот да се помести по трет пат и февруари да биде месецот во кој играчот ќе го има првиот настап оваа сезона.
Но доаѓа мај а Аркадиуш Милик се уште нема одиграно ниту една минута, но и покрај ваквиот развој на настаните, Јувентус попладнево соопшти дека фудбалерот го продолжил договорот до 30. јуни 2027.
Потегот делува изненадувачки, но мотивите на „старата дама“ се од економски аспект.
Како што пренесуваат медиумите од Италија, платата од 3,5 милиони евра нето (околу 4,6 милиони бруто) за сезоната 2025/26, сега е распоредена на две сезони 2025/26 и 2026/27.
Со ваквиот маневар, Јувентус ја намалува сметката за плати како и трошокот на Аркадиуш Милик во сметководствената евиденција.
Исто така, со нето плата од околу 1,75 милиони евра по сезона, Полјакот може да биде привлечен за повеќе клубови во летниот преоден рок.