Меси инсистира на пријателска разделба, Барса не сака ни да слушне за негова продажба

by
2 минути читање

Разликите меѓу Меси и Барселона се дијаметрално спротивни. Аргентинецот сака по секоја цена да замине, додека каталонскиот клуб не сака да слушне за негова продажба.

Спорот за откупната клаузула според која Лео Меси можеше бесплатно да земине од клубот се чини дека ќе го добие Барселона, правно каталонскиот клуб е во предност, иако етиката е на страната на фудбалерот.

Според договорот клаузулата е со краен датум 10 јуни кој е истечен. Но адвокатите на Меси се повикуваат на ефектот кој пандемијата на коронавирус го имаше врз фудбалот пореди што се продолжи сезоната. 10 јуни е еквивалент на 10 дена по крајот на фудбалската сезона ако таа завршеше во предвиденото време, но последниот меч од Лигата на шампионите се одигра на 23 август, па адвокатите на Меси сметаат дека е правилно ако важењето на клаузулата се помести до десет дена по тој датум.

Во спротивно Меси за да ја искористи клаузулата ќе требаше да си замине пред Барселона да ги заврши своите натпревари, нешто што Аргентинецот ни на сон не би го направил. Но клубот не го интересира мислењето на адвокатите на фудбалерот, за нив датумот е 10 јуни, клаузулата е завршена работа.

Според каталонскиот весник „Спорт“, Меси инсистира на пријателска разделба со Барселона, не сака да влегува во војна со клубот каде креираше историја и се промовираше во можеби најдобриот фудбалер на сите времиња. Неговата одлука за заминување е конечна.

Меси одлуката ја имал донесено уште пред неколку месеци, а понижувањето од Баерн Минхен, сезоната без трофеј и одлуката на Куман да го избрка неговиот пријател Суарез само му потврдиле дека сега е вистинското време за разделба.

Но како ќе се реализира таа кога и ставот на Барселона е тврд, а е комплетно спротивен од тој на Меси. Бартомеу не сака да слушне за продажба на Аргентинецот по ниту една цена. Тој не сака да биде запишан во историјата како претседателот кој го продал Меси.

Откупната клаузула на Меси е 700 милиони евра, но тоа е сума која никој нема ниту да помисли да ја плати. Договорот на фудбалерот со Барса е до крајот на следната сезона, по што ќе може да си оди како слободен фудбалер.

Манчестер Сити се обидува да креира примамливи понуди за Барселона, но засега немаат позитивен одговор од Каталонците. Пеп Гвардиола силно посакува повторно да се обедини со Меси во кого го гледа она што му недостасува за повторно да ја освои Лигата на шампионите, без Аргентинецот не успеал да триумфира во најголемото клупско натпреварување.

Во наредните денови се очекува работите да почнат да се разјаснуваат иако сега ситуацијата изгледа исклучително заплеткано.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×