Матеј Гаштаров со своите одлични настапи во дресот на Црвена звезда си обезбеди место во репрезентацијата на Македонија. Селекторот Гоце Седлоски на денешниот брифинг со новинарите потврди дека младиот фудбалер ќе биде повикан за претстојните натпревари од Лигата на нации.
Гаштаров во изминатиот период добива сè поголема доверба од тренерот на српскиот гигант, Риера. Македонецот ја искористи укажаната шанса и постигна гол против Јединство, а добар настап имаше и на следниот меч против Чукарички.
Гаштаров сега ќе има можност добрата форма да ја потврди и во националниот дрес. Македонија новата сезона во Лигата на нации ја започнува со сериозен предизвик, бидејќи на домашен терен ќе ја пречека Швајцарија на 26 септември.