Голманот на аргентинската репрезентација Емилијано Мартинез збораше за победата на Аргентина над Англија, истакнувајќи дека според него клучен бил потегот Меси да игра на крилната позиција.
„Веќе имаме искуство во враќање по резултатска негатива, а тие почнаа сѐ повеќе да се повлекуваат и да се бранат подлабоко, што ни отвори повеќе простор меѓу нивните линии. Клучно за нас беше што Лионел Меси играше на крило“, додаде голманот на Астон Вила.
Англија поведе со голот на Ентони Гордон во 55. минута, Енцо Фернандез израмни во 85. минута, а победата за Аргентина ја донесе Лаутаро Мартинез во втората минута од судиското продолжение.
На прашањето дали почувствувале промена во играта на Англија по водството, Мартинез одговори потврдно.
„Почувствувавме дека сѐ повеќе се повлекуваат наместо да продолжат да напаѓаат. Понекогаш, дури и кога водите, мора да продолжите да напаѓате. Не можете едноставно да го промените планот на игра. Мислам дека тие го направија токму тоа и дополнително ја зацврстија одбраната“, рече аргентинскиот голман.
Аргентина во недела од 21 часот во Њу Џерси ќе ја брани светската титула против европскиот шампион Шпанија.
„Ова е нешто посебно. Посебно е кога ќе добиете можност да се борите за светската титула. Тоа многу значи за мојата земја, моето семејство и моите соиграчи. Фактот што вторпат по ред сме во финале на Светско првенство покажува дека сѐ што правевме досега беше исправно. Неизмерно сум горд на сите, а особено на моето семејство“, изјави Мартинез.