Манчини: Ќе се потрудам навивачите да ми простат, сè беше голема грешка!

by Стефан
1 минути читање

Роберто Манчини призна дека заминувањето од селекторската функција на италијанската репрезентација било една од најголемите грешки во неговата кариера, нагласувајќи дека и денес искрено жали за таа одлука.

По враќањето на кормилото на „аѕурите“, искусниот стратег порача дека единствениот начин повторно да ја добие довербата на навивачите е репрезентацијата да прикажува добри игри и позитивни резултати.

„Тоа е како да ја изгубите љубовта на вашиот живот. Ќе се потрудам тимот да игра толку добро што на крајот ќе ми простат“, изјави Манчини.

Тој објасни дека разделбата со националниот тим пред три години била последица на недоволна комуникација со тогашниот претседател на Италијанската фудбалска федерација.

„Да седневме и разговаравме лице в лице, сè ќе завршеше сосема поинаку. Репрезентацијата е нешто исклучително важно. Кога ќе ја изгубите, сфаќате дека сте направиле грешки. Не е важно што сте постигнале претходно, ако сте погрешиле, треба да го признаете тоа. Жал ми е за сè што се случуваше во изминатите три години, но судбината и Малаго ми дадоа можност за нов почеток. Ќе дадам сè од себе за да ја вратам репрезентацијата таму каде што ѝ е местото“, истакна Манчини.

Инаку, Манчини останува последниот селектор што ѝ донесе голем трофеј на Италија, откако ја предводеше репрезентацијата до европската титула на Европското првенство во 2021 година.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×