„Граѓаните“ се под лупа поради прекршување на правилата за Финансиски фер плеј, против нив се покренати дури 115 обвинувања, но клубот од Етихад како да не е засегнат многу, па продолжува да троши.
Манчестер Сити во јануари го одврза кесето и одвои преку 200 милиони евра на засилувања, на Етихад пристигнаа Омар Мармуш (75 милиони евра), Нико Гонзалез (60 милиони евра), Абдукодир Хусанов (40 милиони евра) и Витор Реиш (40 милиони евра).
Пеп Гвардиола и „граѓаните“ во исто темпо ќе продолжат и летово, веќе е договорено првото засилување, пристигнува Тиџани Рајндерс од Милан во зделка вредна околу 70 милиони евра.
Со овој трансфер, Манчестер Сити ќе потроши речиси 300 милиони евра, но и ќе продолжи да брои.
Се најавува дека наскоро ќе биде договорен и Рајан Шерки од Лион во зделка вредна околу 40 милиони евра, како и Рајан Аит Нури од Вулверхемптон во зделка вредна околу 50 милиони евра.
На листата на желби на Пеп Гвардиола има и нов десен бек, па сумата сигурно ќе се искачи на преку 400 милиони евра.
Манчестер Сити е под лупа поради прекршување на правилата за Финансиски фер плеј, против нив се покренати дури 115 обвинувања, па многумина се прашуваат како е можно да биде потрошена волку голема сума во краток временски период без да се има последици или санкции.
На „Етихад“ се правдаат дека минатото лето практично ништо не потрошиле, со Сaвињо (25 милиони евра) како единствено засилување.