Еден од најпознатите светски фудбалски инсајдери, Фабрицио Романо, објави дека Манчестер јунајтед на крајот од оваа сезона ќе се раздели Виктор Линделоф. Според Романо, 30-годишниот шведски стопер ќе го напушти клубот како слободен играч, по договор меѓу двете страни.
Линделоф, чиј договор истекува на 30 јуни, веќе добил конкретни понуди од клубови од Шпанија и Италија. Неговата моментална пазарна вредност според „Трансфермаркт“ е околу десет милиони евра.
Швеѓанецот пристигна на „Олд Трафорд“ во летото 2017 година од португалска Бенфика, откако англискиот гигант плати 35 милиони евра за неговите услуги. Првите фудбалски чекори ги направил во шведскиот Вестерос, а веќе на 16 години се преселил во младинската академија на Бенфика.
Во дресот на Манчестер јунајтед има вкупно 283 настапи во сите натпреварувања, при што постигна четири голови и забележал седум асистенции. Оваа сезона запиша 15 настапи во Премиер лигата.
Линделоф е и важен дел од репрезентацијата на Шведска, за која има одиграно 71 натпревар. По седум години во „црвениот“ дрес, неговото заминување ќе претставува крај на една ера за дефанзивната линија на Јунајтед.
Фото: Manchester United/X