Малдини се заканува со заминување ако Пирло не биде селектор!

by riste
1 минути читање

Паоло Малдини е подготвен да ја напушти функцијата технички директор на италијанската фудбалска репрезентација. Легендарниот дефанзивец се заканува со заминување доколку кандидатурата на Андреа Пирло за нов селектор пропадне поради скандалот и контроверзите околу неговите врски со руската обложувалница „Фонбет“.

Малдини и неговиот советник Леонардо го посочија Пирло како единствениот вистински кандидат за ревитализација на „Азурите“. Во него гледаа долгорочен проект заснован на модерен фудбал, кој притоа нема дополнително да го оптовари буџетот.

Сепак, изборот брзо прерасна во политичка бура. Односите се затегнаа откако излезе во јавност дека Пирло е глобален амбасадор на руската компанија за обложување „Фонбет“ и има директни врски со олигархот Сергеј Ломакин (првиот човек на Пафос и Јунајтед ФК). Со оглед на актуелната геополитичка ситуација и односите меѓу Италија и Русија, ова предизвика силни реакции во јавноста и спортските институции.

Првиот човек на Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ), Џовани Малаго, веднаш иницираше истрага. Правниот застапник на федерацијата, Џанкарло Вилјоне, по анализата на документите утврди дека ангажманот на Пирло како тренер во Дубаи и неговата амбасадорска улога во „Фонбет“ се правно независни. Сепак, личниот договор што Пирло го има со руската компанија ја прави неговата позиција исклучително комплицирана.

Малдини, кој отсекогаш ги решавал работите на теренот, неочекувано се најде во центарот на политички игри за кои не беше подготвен. Соочен со силен притисок да ја оправда својата одлука, тој веќе оствари средба со Малаго. Неговиот став е јасен: доколку кандидатурата на Пирло биде блокирана, тој веднаш ќе си замине од ФИГЦ.

Конечната одлука за судбината на Пирло се очекува во текот на наредните неколку дена, а таа директно ќе ја одреди и иднината на Паоло Малдини во италијанскиот фудбал.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×