Македонија остана без Дарко Чурлинов за претстојните натпревари од Лигата Нации против Швајцарија, Словенија и Шкотска.
Чурлинов нема да биде да ѝ помогне на Македонија поради административна процедура поврзана сонеговиот престој и работниот статус во Полска. Клубот Погон Шчечин во кој настапува Чурлинов доцна ја започнал постапката за обезбедување на потребната работна и документација за негов престој.
Македонскиот репрезентативец во моментов се наоѓа во Европската Унија подолг период без да ја напушти нејзината територија. Согласно правилата за краткорочен престој во Шенген-зоната, престојот без соодветна дозвола е ограничен на 90 дена во период од 180 дена. Неговото напуштање на Европската Унија во овој момент би значело дека при повторен влез во Полска ќе биде предмет на проверка на исполнувањето на условите за влез и престој, поради надминување на дозволениот период без соодветна документација. Во случај на негово напуштање на Европската Унија и доаѓање во Македонија, повторното враќање во државите од Европската унија би можело да биде отежнато, односно да биде предмет на соодветни санкции поради надминување на дозволениот период на престој без потребните документи за работа и престој.
Од ФФМ истакнаа и дека се во комуникација со сите инволвирани страни со цел административната процедура да биде решена во најкраток можен рок. За случајот е информирана Амбасадата на Македонија во Полска, а со ситуацијата е запознаена и УЕФА, со цел, да се изнајде соодветно решение во рамки на важечките процедури и прописи.
Засега не познато дали селекторот Гоце Седлоски ќе повика друг фудбалер на негово место. Македонија првиот натпревар го игра дома со Швајцарија в сабота на 26 октомври, потоа следи гостински дуел со Словенија, па уште еден домашен со Шкотска и прозорецот го затвораме на гости кај Швајцарија на 6 октомври.