Хрватскиот фудбалски ветеран Лука Модриќ доби невообичаено кратко продолжување на договорот со шпанскиот гигант Реал Мадрид – само на еден месец, нешто што ретко се гледа во светот на професионалниот фудбал.
Актуелниот договор на Модриќ истекува на 30 јуни годинава, но наместо стандардното едногодишно продолжување, како што тоа беше случај претходно, клубот одлучи да го задржи само до крајот на јули. Причината за ваквиот потег е позната – Модриќ ќе може да настапи на новоформираното Светско клупско првенство, кое ќе се игра летово со учество на 32 екипи.
Без активен договор, Модриќ не би можел да го облече дресот на „кралскиот клуб“ на ова натпреварување. Истиот третман го доби и Лукас Васкез.
Сепак, засега нема најава дали двајцата ќе добијат подолгорочни договори. Судбината на Модриќ и Васкез по јули останува нејасна, а постои реална можност тие да ги завршат своите успешни епизоди на „Сантијаго Бернабеу“. Исто така се потенцира и дека тоа што Реал уште сега не потпишува долгорочно договори може да биде најава дека тие воопшто нема да ги има.
Иако веќе има 38 години, Модриќ и оваа сезона покажа дека сè уште го поседува квалитетот потребен за да биде дел од една од најсилните екипи во Европа. Но, управата на Реал Мадрид се уште внимателно размислува дали има простор за уште една сезона на некогашниот најдобар играч во светот.
Фото: Real Madrid C.F/X