Вистински фудбалски спектакл беше виден во најинтересниот натпревар од почетокот на сезоната во ПМФЛ. Последнопласираниот Башкими и Вардар одиграа возбудлив натпревар со дури шест гола, а на крајот ги поделија бодовите со резултат 3-3.
Башкими подобро го започна натпреварот и по 21 минута игра стигна до предност. Исмаили се најде на вистинското место и го матираше Талевски за 1-0. Само 12 минути подоцна следуваше нов удар за вардарци. По украдена топка, Да Силва се најде во одлична позиција, тргна сам кон голот, го заобиколи истрчаниот Талевски и зголеми на 2-0.
Вардар по двата примени гола веднаш го засили притисокот и целосно ја презеде иницијативата. Нападите на „црвено-црните“ конечно вродија со плод пред самиот крај на првиот дел, кога Бабунски погоди за 2-1 и му даде надеж на својот тим пред паузата.
Во второто полувреме на теренот постоеше само еден тим. Вардар тргна офанзивно, создаваше шанси и постојано го притискаше домаќинот.
Во центарот на вниманието се најде искусниот Горан Закариќ, кој направи целосен пресврт за само две минути. Прво во 70. минута го израмни резултатот, а само две минути подоцна повторно се запиша во листата на стрелците за водство на Вардар од 3-2. Кога се чинеше дека Вардар ќе стигне до голем пресврт и победа, следуваше нова драма.
На десетина минути до крајот, судијата му покажа втор жолт картон на Азер Омерагиќ, па Вардар можеше да остане со играч помалку. Сепак, по интервенција на ВАР-системот, одлуката беше преиначена и капитенот на Вардар остана на теренот.
Башкими до крајот и со изедначени сили на теренот успеа повторно да погоди и да стигне до 3-3, со што еден од највозбудливите натпревари сезонава заврши без победник.