Кризата на Ливерпул станува сè подлабока и веќе прераснува во вистинска катастрофа. Тимот од „Енфилд“ загуби шест од последните седум натпревари, нешто што не се случило со децении и што предизвикува сериозна вознемиреност кај навивачите.
Најновиот пораз од Кристал Палас, иако со комбиниран состав, предизвика вистинска бура реакции. Фановите се бесни што нивниот клуб на домашен терен дозволи понижувачки резултат со три гола разлика, што според нив е срамота за тим со ваква историја и амбиции.
Падот на Ливерпул доби и историска димензија. За првпат од 1934 година, „црвените“ дома загубија натпревар во англиските купови со најмалку три примени гола, а без да погодат во противничката мрежа. Дополнително, ова е и трет по ред пораз од Кристал Палас, по оние во Суперкупот во август и во Премиер лигата минатиот месец.
Токму тој меч од Суперкупот го означи почетокот на оваа серија резултати која полека прераснува во најтешкиот период за клубот во последните неколку децении.