Младиот напаѓач на Барселона, Ламин Јамал вели дека е подготвен да го предводи својот тим до кам-бек против Атлетико Мадрид во Лигата на шампиони.
Барселона утре гостува кај Атлетико Мадрид и ќе брка два гола негатива за пласман во полуфинале во Лигата на шампиони.
На средбата со новинарите вечерва се појави Ламин Јамал, младата ѕвезда вели дека е подготвен да го предводи својот тим и упати храбра и дрска порака до Диего Симеоне.
„Се чувствувам одлично, мотивиран сум да направам разлика и се надевам дека ќе успеам во тоа“ – вели Ламин Јамал.
„Ајде да видиме дали Чоло ќе ми направи услуга и ќе ме остави да играм еден на еден“.
За првиот натпревар на Камп Ноу, двајца фудбалери на Атлетико постојано го маркираа Ламин Јамал, а за очекување е истата тактика да биде применета и на реваншот.
Напаѓачот потоа порача што е потребно за Барса да се пласира во полуфинале: „Треба да одиграме со висок интензитет, да останеме доследни на нашиот стил и никако да не мислиме дека ни треба чудо за кам-бек“.
„Да, имаме два гола негатива, но доколку одиграме како што умееме, тогаш можеме да ја анулираме предноста на противникот“.
„За среќа играм за клуб како Барселона и имаме многу квалитет, не мислам дека се ќе зависи од мене, па и да е така, не ми пречи тоа. Но во секој случај, имам доверба во мојот тим“.