Диего Марадона е најголемата легенда во историјата на клубот. Историјата на Наполи би била сосема поинаква доколку во клубот не би пристигнал големиот Диего Армандо Марадона.
Поранешниот претседател на Наполи, Корадо Ферлаино, кој во 1984. година за 13 милиони лири, односно околу 5 милиони долари го донесе Марадона, се потсетува на какви критики бил изложен поради тој потег.
„Би чинел двојно повеќе отколку што чини Кристијано Роналдо денес. Интелектуалната елита ме критикуваше. Ми зборуваа дека Наполи е сиромашен град и дека еден таков потег е неморален. Но тоа беа мои пари и јас сакав да ги потрошам на тој начин“ – објаснува Ферлаино во интервју за мадридски „Ас“ во пресрет на утрешниот меч помеѓу Реал Мадрид и Наполи во Лигата на шампионите.
Марадона во Наполи пристигна од Барселона каде што мина две години.
„Кога го потпишував договорот во Барселона, отидов во бар и нарачав чаша виски. Келнерот ме праша дали сум Италијанец? и рече: „Каков одличен договор направивме со продажбата на Марадона – тој е дебел“, не можев да уживам во пијачката“.
Но, не погрешил, купувањето на Марадона ги носи најголемите успеси на Наполи, две шампионски титули во Серија А и освојување на Купот на Уефа. Во меѓувреме Диего стана Светски шампион со Аргентина на Мундијалот во Мексико 1986 година. За Наполи одигра 259 натпревари во период од седум години.
„Во Наполи не земаше дрога. Можеби кога се враќал во Аргентина да, но кај нас секогаш се однесуваше примерно. Беше совршен спортист, поголем професионалец од било кој. Дома имаше свои проблеми, но за тоа што го правеше на теренот не можевте да го критикувате“.
На прашањето дали Марадона е подобар од Роналдо или Меси, Ферлаино одговори.
„Со Роналдо не можете да го споредувате, друг тип на играчи се. Кога е Меси во прашање… Меси игра во многу силна репрезентација на Аргентина и не освоил ништо. Марадона покрај себе имаше неколку баш лоши играчи и стана шампион на светот. Така да…“.
За крај тврди дека мафијата во Наполи никогаш не влијаела на работата на клубот, но сакала да се слика со фудбалерите.
„Се случуваше да им се приближат на играчите, па и на Диего, но само сакаа да се сликаат и да ги запознаат фудбалерите како и сите други навивачи. Да, секогаш сакале да влезат во клубот, но кај мене тоа не поминуваше“.
Марадона утре ќе биде на трибините на Сантијаго Бернабеу и ќе го бодри Наполи во мечот против Реал Мадрид.