Англиските медиуми во последните денови интензивно пишуваат за книгата што ја објавува поранешниот напаѓач Енди Керол, а во центарот на вниманието е делот од текстот посветен на Вејн Руни.
Вејн Руни е легендарен капитен на Англија и како таков замина во пензија, но сега во книгата на неговиот поранешен соиграч Енди Керол пронашол нешто што не му оди во прилог и најавува дури и тужба.
Руни и Керол беа соиграчи во англиската репрезентација во периодот од 2010 до 2012 година, а заедно одиграа вкупно 64 минути на два натпревари, против Украина и Италија.
Додека беше на репрезентативните собири, Керол во својата нова книга „Owning It“ тврди дека Руни имал соба полна со цигари и алкохол, каде што ги повикувал соиграчите, и тоа за време на репрезентативните собири.
„Беше опкружен со кутии цигари, гајби пиво и шишиња вино (кои преку директорот на хотелот ги обезбедуваше во собата), а набрзо неговата соба ќе беше полна со соиграчи. Никој не се опиваше, тоа беше само негов начин да ја разбие монотонијата со неколку пијалаци“, пишува Керол за репрезентативните собири.
Руни вели дека станува збор за невистини и најавува тужба против поранешниот фудбалер на Ливерпул, Њукасл, Вест Хем и на бројни други клубови.
„Обично не ги коментирам лагите што се пишуваат за мене, но на ова ќе се осврнам. Енди знае дека тој и јас никогаш навистина не се дружевме. Случајно го сретнав еднаш додека бевме на одмор, но тоа е отприлика сè. Што се однесува до оваа приказна дека пијам додека сум бил на репрезентативна должност за Англија, тоа е измислица“, изјави Руни за „Сан“.
Нов извештај на истиот весник тврди дека адвокатите на Руни испратиле писмо до издавачите на автобиографијата на Керол поради наведените тврдења, за кои тој наводно бара да бидат повлечени. Во спротивно, се закануваат со поднесување тужба.