Ливерпул конечно
се радува на титула во Премиерлигата. Избраниците на Јирген Клоп имаат
фантастична сезона и само прашање на време беше кога ќе станеа шампиони на
Англија. Постот долг 30 години беше прекинат вечерва, откако Манчестер Сити
загуби на гостувањето кај Челси.
Во вклучување во
живо на Скај Спортс, Јирген Клоп ги даде првите коментари по огромниот успех.
„Немам зборови,
не можам да поверувам. Тешко е да се опише што значи да се освои Премиерлигата
со Ливерпул. Знам колку Кени не поддржуваше, па овој трофеј е за тебе, чекаше
30 години за твојот тим да стане шампион. Трофејот му го посветувам и на
Стиви, и он има свој допринос. Лесно ми е да го мотивирам тимот поради богатата
историја“ – вели Германецот.
„Овие 95 или 100
минути (од дуелот на Стемфорд Бриџ) беа тензични. Сакав да седам мирен, но не
можете да го правите тоа кога гледате, кога се надевате… Челси имаше големи
шанси, пенал… да беше прилично тензично, но моите играчи постигнаа нешто прекрасно,
она што го направивме последните две-три години е извонредно, со радост ги
тренирав“.
Запрашан дали му
олеснало поради тоа што Ливерпул по толку години е шампион, Клоп одговори:
„Искрено, јас не чекав 30 години, тука сум само четири ипол години. Немавме прави
шанси во првите години, реално бевме претенденти минатата сезона и оваа, но да
ми олесна. Имаше прекин од три месеци, никој не знаеше што ќе се случи“.
Тренерот на
Ливерпул имаше и порака до фановите: „Се надевам дека ќе останете дома, или ќе
излезете во дворот… ве молам не правете ништо повеќе, славете со срце и глава“.