Тренерот на Пелистер, Димитар Капинковски, е задоволен од првата недела на подготовки и најавува нови засилувања кои ќе пристигнат наскоро во Битола.
„Зелено-белите“ веќе започнаа со сериозни амбиции за новата сезона, а Капинковски посочи дека атмосферата во тимот е позитивна и се работи со полна пареа. За време на подготовките ќе се одиграат пет контролни натпревари – против Струга, Трајал, Македонија ЃП, Охрид и Егалео.
„Задоволен сум од тоа што го сработивме во првата недела. Одработевме единаесет тренинзи во одлична и позитивна атмосфера. Ќе одиграме пет контролни натпревари кои ќе послужат за добро запознавање и воигрување на екипата. Најпрво ќе тестираме со Струга, а потоа со тимот на Трајал од Крушевац. Потоа следуваат мечеви со Македонија ЃП и Охрид, а последниот дуел ќе биде против грчкиот Егалео. Во интензивни преговори сме со неколку играчи, со дел од нив веќе сме во завршна фаза. Мислам дека следната недела веќе треба да пристигнат во нашиот тим“, рече Капинковски.
Пелистер минатата сезона заврши шести, а во новата целта останува опстанок, со желба за чекор напред во скратената лига.