Според пишувањето на италијанскиот весник „Ла Република“, новиот тренер на Јувентус, Лучано Спалети, сака повторно да соработува со Мохамед Салах, овојпат во Торино. Покрај него, „старата дама“ работи и на трансферот на Алисон Бекер, а во комбинација е и Ендру Робертсон.
Како што наведува весникот, Спалети верува дека може да го убеди 33-годишниот Салах да се пресели во Италија, а важна улога во тоа би можел да има и Алисон.
Бразилскиот голман, според истиот извор, е во напредни преговори со Јувентус. Додека „Ла Република“ тврди дека неговиот трансфер во Торино е речиси завршена работа, други италијански медиуми пишуваат дека Ливерпул сè уште ја анализира ситуацијата околу својот чувар на мрежата, кому му преостанува уште една година од договорот.
Од друга страна, Салах веќе донесе одлука да го напушти Ливерпул на крајот од сезоната. Весникот додава дека „црно-белите“ ќе имаат доволно време за преговори со египетската ѕвезда, која конечната одлука за својата иднина ќе ја донесе по Светското првенство.