Аргентинскиот репрезентативен голман Емилијано Мартинез е сè поблиску до трансфер во Јувентус, откако, според информациите на „Скај Италија“, постигнал договор со торинскиот гигант за тригодишна соработка до летото 2029 година.
Наводно, чуварот на мрежата прифатил и намалување на своите финансиски побарувања за да се реализира преселбата во Торино. Мартинез во моментов заработува околу седум милиони евра по сезона во Астон Вила, а во Јувентус би инкасирал 5,5 милиони евра годишно.
Триесет и тригодишниот голман смета дека ангажманот во редовите на „старата дама“ претставува идеална можност за нов предизвик во кариерата, по успешниот период минат во клубот од Бирмингем, каде беше еден од клучните играчи во европските настапи на тимот.
Сепак, останува двата клуба да ги усогласат финансиските детали околу трансферот. Јувентус се обидува да го доведе Мартинез под поповолни услови, додека Астон Вила, според медиумските шпекулации, би можела да бара околу 15 милиони евра за неговите услуги.
Во меѓувреме, дел од италијанските медиуми тврдат дека новиот тренер на Јувентус, Лучано Спалети, лично инсистирал на ангажманот на аргентинскиот голман, убеден дека неговото искуство, лидерски квалитети и сигурност меѓу стативите ќе донесат дополнителна стабилност во тимот.