Иако примија пет гола и беа надиграни од Манчестер Сити, тренерот на Јувентус, Игор Тудор, не беше премногу критичен по поразот во последното коло од групната фаза на Светското клупско првенство. „Старата дама“ загуби со 5-2 од англискиот гигант, но веќе претходно го обезбеди пласманот во осминафиналето благодарение на победите над Видад Казабланка и Ал Аин.
Јуве парираше во првото полувреме, но во вториот дел Сити ги „згазна“ со три брзи гола. Тудор призна дека неговиот тим бил немоќен против машинеријата на Гвардиола. Тренерот на Јуве јасно посочи дека разликата во квалитет е огромна.
„Не е лесно кога ќе примиш пет гола, но треба да се каже вистината Манчестер Сити е тим со врвен квалитет, подготвени се на секакво ниво, ние веќе бевме пласирани понатаму и решивме да одмориме дел од играчите, некои не беа ни физички спремни, а тие нè казнија. Немавме решение ни кога ја немавме топката, ни кога ја имавме нивниот пресинг беше немилосрден и не можевме да излеземе од него. За да играме подобро, мораме да бидеме комплетни и свежи, само така може да изгледа поинаку. Разликата е јасна тие кога сакаат, трошат 100, 200 милиони евра, имаат посилен состав и тоа не е срамота да се признае. Не бараме алиби ова е најдобриот тим на светот, со најдобар тренер, и немам ништо да им замерам на моите играчи. Оваа вечер мора да се заборави и да продолжиме понатаму“, изјави Тудор по натпреварот.
Поразот од Сити значеше и судир со Реал Мадрид во осминафиналето за „старата дама“.