Јувентус ја активираше клаузулата за откуп на напаѓачот Луис Опенда, иако белгискиот фудбалер во последните пет натпревари во Серија А не доби ниту минута на теренот.
Според информациите од италијанските медиуми, условот за задолжителен откуп бил исполнет откако „старата дама“ и математички обезбеди пласман меѓу десетте најдобри екипи во шампионатот.
Опенда во Торино пристигна минатото лето како позајмен играч од Лајпциг, за што Јувентус издвои 3,3 милиони евра, со можни бонуси до 800.000 евра. Договорот вклучуваше и обврзувачка клаузула за откуп вредна 40,6 милиони евра, плус дополнителни 1,7 милиони преку бонуси, сума што клубот ќе ја исплати на рати.
Клучниот момент се случи оваа сабота кога Јувентус славеше минимална победа од 1-0 на гостувањето кај Аталанта, со што го потврди своето место во горниот дел од табелата. На шест кола пред крајот, тимот има убедлива предност од 18 бода во однос на Сасуоло, што практично ја гарантира позицијата.
Дури и во теоретско сценарио со порази до крајот и максимален учинок на Сасуоло, Јувентус би останал пред нив поради подобриот меѓусебен скор.
Со активирањето на клаузулата, Опенда автоматски стави потпис на четиригодишен договор со важност до летото 2030 година. Сепак, неговата улога во тимот засега е неизвесна, со оглед на тоа што во последните натпревари е надвор од плановите и речиси без минутажа.