Алваро Арбелоа според последните информации од Шпанија нема да остане на клупата на Реал Мадрид следната сезона.
„Кралевите“ ја завршија својата европска авантура уште во четвртфиналето од Лигата на шампионите, по двата порази од Баерн Минхен со 1-2 во Мадрид и 3-4 во Минхен, претходно веќе беа елиминирани од купот, додека во првенството Барселона има дури девет бодови предност.
Сето ова ја отвори вратата за сериозни интерни размислувања околу нова тренерска смена на „Сантијаго Бернабеу“. Сепак, конечната одлука ќе биде донесена по завршувањето на сезоната, бидејќи во клубот не сакаат избрзани потези, особено затоа што Арбелоа успеал да внесе поголема стабилност и да ја смири атмосферата во соблекувалната.
Арбелоа го презеде тимот во јануари и има договор до 2027 година, но тоа не му гарантира сигурна иднина, дел од раководството смета дека е потребна нова насока и поголем авторитет на клупата.
Во меѓувреме, во Мадрид веќе се вртат неколку тренерски имиња. Како еден од фаворитите се споменува Јирген Клоп, иако засега нема официјални контакти. Претседателот Флорентино Перез и понатаму има голема почит кон Зинедин Зидан, но негово враќање се смета за малку веројатно, бидејќи Французинот е блиску до преземање на селекторската функција по завршување на Мундијалот.
Како пореални опции се издвојуваат Маурисио Покетино кој е селектор на САД, како и Дидие Дешам, чија кандидатура, според дел од медиумите, добива сè поголема поддршка во клубот.