Душан Влаховиќ се соочува со клучна одлука во Јувентус, бидејќи клубот му понуди значително намалување на платата. Српскиот напаѓач мора да прифати нов договор или да бара нов клуб.
Сапуницата околу иднината на Душан Влаховиќ во Јувентус кулминира оваа среда, кога ќе се одржи состанок на кој ќе падне конечна одлука. Српскиот напаѓач и неговиот татко Милош ќе се сретнат со управата на клубот во тренинг кампот Континаса, со цел да разговараат за евентуална нова соработка. Сепак, постојат големи несогласувања меѓу барањата на Влаховиќ и понудата на „Старата дама“.
Влаховиќ моментално заработува 12 милиони евра нето годишно, а Јувентус бара од него да ја преполови платата на шест милиони евра, плус одредени бонуси за потпис. Оваа понуда е „земи или остави“, што претставува своевиден ултиматум од страна на клубот. Главните челници, Дамиен Комоли, Џорџо Кјелини и Марко Отолини, јасно ставија до знаење дека Јувентус не може и не сака да понуди повеќе, што е последица на моменталната финансиска состојба и клупската политика.
Доколку Влаховиќ не го прифати ултиматумот, Јувентус веќе има план Б. Во клупските кругови опаѓа оптимизмот за останување на српскиот напаѓач, па веќе се обновени контактите со Пари Сен Жермен за Рандал Коло Муани. Французинот, кој минатата сезона постигна 10 гола на позајмица во Торино, е главен фаворит да го наследи Влаховиќ во случај на неуспешни преговори. Оваа операција би го чинела Јувентус околу 30 милиони евра.
И покрај несреќната сезона обележана со повреда, Влаховиќ ја заврши во одлична форма со 10 постигнати гола. Неговиот учинок не остана незабележан од клубови како Баерн, Челзи, Барселона и Њукасл, кои во последните денови го истражуваат неговиот трансфер. Сепак, ниту еден клуб, според „Газета“, сè уште не ги исполнил барањата на таткото на Влаховиќ за осум милиони евра годишно. Влаховиќ е на крстопат: да прифати пониска плата во Јувентус или да бара нов предизвик надвор од Италија.