Политичките и општествените тензии повторно се прелеваат и на фудбалските терени. Иранскиот министер за спорт, Ахмад Доњамали испрати остро предупредување до ФИФА во пресрет на натпреварот меѓу Иран и Египет.
Според информациите, иранската делегација е подготвена да го напушти теренот и да го прекине натпреварот доколку на стадионот се појават ЛГБТ симболи или какви било политички пораки што, според Техеран, не се во согласност со нивните принципи.
Во официјалното соопштение, кое предизвика бројни реакции во спортската јавност, Доњамали порача дека Иран нема да толерира активности кои излегуваат надвор од рамките на спортот.
„Јасно ја известивме ФИФА дека, доколку нашата делегација или нашите фудбалери бидат изложени на политички навреди или неовластени слогани на стадионот, без двоумење ќе му наредиме на тимот веднаш да го напушти теренот и натпреварот ќе биде прекинат“, изјави иранскиот министер за спорт.
Тој нагласи дека репрезентацијата пристигнала на меѓународниот турнир исклучиво за спортско натпреварување, во согласност со правилата на ФИФА, додавајќи дека внесувањето политички или општествени агенди е целосно неприфатливо.
„Неприфатливо е на овој натпревар да се внесуваат политички или општествени агенди што не се во согласност со нашите принципи и вредности“, истакна Доњамали.