Полека привршува
последното коло од Серија А за 2018, во 15 часот беа одиграни седум мечеви и на
програмата денеска се уште дуелите Наполи-Болоња и Милан-СПАЛ.
Интер со голот на
Кеита во 72. минута стигна до три бода на гостувањето кај Емполи. И Рома со
погодоци во второто полувреме стигна до победа на гостувањето кај Парма. Кристанте
донесе водство, а триумфот го запечати Ундер.
Највозбудливо
беше на „Мапеи“ каде паднаа дури осум погодоци, исто колку на останатите други
шест меча заедно. Аталанта потсети на формата од минатата сезона и со 2-6 триумфираше
против Сасуоло. Мечот го одбележа Иличиќ, кој влезе од клупата во 63. минута и
до крајот постигна хет-трик.
Удинезе со 2-0 го
совлада Каљари, а во дербито на дното, Киево со 1-0 триумфираше над Фросиноне.
Лацио и Торино одиграа 1-1, а без победник заврши и пресметката помеѓу Џенова и
Фиорентина, каде мрежите мируваа.