Хрватскиот стратег Иван Јуриќ е нов тренер на Аталанта, потврди клубот од Бергамо. Договорот е потпишан на две години, а Јуриќ ќе има задача да го продолжи европскиот курс на тимот по заминувањето на Џан Пјеро Гасперини.
Јуриќ (49) доаѓа како замена за Гасперини, кој по девет години се раздели со Аталанта и ја презеде клупата на Рома.
Во текот на минатата сезона, Јуриќ имаше кратка авантура во Саутемптон, каде што требаше да обезбеди опстанок во Премиер лигата, но не успеа во таа мисија, па договорот од 18 месеци беше раскинат предвреме по взаемен договор.
На Апенините има далеку побогато CV – претходно бил на чело на Рома, Торино, Верона, Џенова, Мантова и Кротоне, оставајќи сериозна трага особено со Верона и Торино. Сега го чека нов предизвик во клуб кој изминатите сезони се етаблира како стабилен европски учесник.