Како што се
очекуваше, Манчестер јунајтед го врати Дин Хендерсон во својот состав, а овој
ланската сезона импресионираше на голот на Шефилд Јунајтед, меѓутоа во составот
на „Црвените ѓаволи“ сега има едно доста интересно и дискутабилно прашање за
Оле Гунар Солшер.
Давид Де Хеа или
Дин Хендерсон? Двајца одлични голмани, со тоа што првиот беше на мета на
критики ланската сезона каде се „истакна“ со повеќе киксови на голот, па дури
се постави и прашањето за неговата иднина, како и да е, Хендерсон на некој начин
го предупреди клубот со својата изјава дека нема намера да седи на клупата за
резерви.
„Видете, 100%
главната цел за мене е да играм регуларно идната сезона“ рече Англичанецот кој
потпиша петгодишен договор со „Црвените ѓаволи“ со неделна плата во висина од
120,000 фунти.
„Не би сакал ниту
да помислам да не играм по ланската сезона, која беше навистина одлична за
мене, воопшто не би било паметно за мене да седам на клупата и да не играм на
теренот, сметам дека такво сценарио не би му помогнало никому“ додаде Хендерсон
запрашан за тоа дали ќе побара нова позајмица доколку биде втора опција на
голот на Манчестер јунајтед.
„Мојата кариера
не би одела во нагорна линија доколку седам на клупата, потребни ми се минути
на теренот, се чувствувам како ново засилување за клубов, не бев дел од
градењето на истиот цели пет години, си заминав а почнав во Стокпорт, па следеа
Гримбсби, Шресбери, а потоа и Шефилд Јунајтед, тоа доволно говори колку многу
научив сиве овие години“ заклучи 23 годишниот голман.