Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, отворено зборуваше за негативните аспекти на актуелното Светско клупско првенство, потенцирајќи дека сè погустиот распоред во текот на сезоната би можел негативно да се одрази врз резултатите на англискиот гигант во Премиер лигата.
„Граѓаните“ минатото лето тронот во Англија му го препуштија на Ливерпул, а трофејнот стратег сега зборуваше за заморот кој може да се почувствува кај фудбалерите поради настапот на Светското клупско првенство.
„По ова ќе видиме што ќе се случи. Можеме да го искористиме времето за одмор што ни го овозможи Премиер лигата, а потоа ќе видиме понатаму. Можеби во ноември сето ова ќе ни дојде на наплата – исцрпени сме, а Светското клупско првенство не уништи во тој поглед. Не знам, но ова е првпат во нашите животи да се случува вакво нешто. Ќе видиме како ќе реагираат фудбалерите во ноември и декември“, изјави Гвардиола, чии избраници ноќта меѓу понеделник и вторник ќе го играат осминафиналето против Ал Хилал.
Претходно одржувањето на турнирот во ваков формат кога и онака распоредот е премногу густ го критикуваше Јирген Клоп.