Манчестер сити со синоќешното реми на гостувањето кај Борнмут (1-1) и дефинитивно испадна од трката за титулата, која по пауза од 22 години ја освои Арсенал, а по натпреварот шпанскиот стратег зборуваше и за својата иднина.
Најпознатите медиуми на Островот вчера пред натпреварот објавија дека Гвардиола на крајот на оваа сезона ќе замине, меѓутоа Пеп демантира порачувајќи дека допрва треба да разговара со претседателот на клубот.
„Можам само да кажам дека имам уште една година од договорот и од мое искуство, кога во текот на сезоната ќе се појават вакви најави, тоа носи лош резултат“, изјави Гвардиола, алудирајќи дека неговите играчи не биле максимално фокусирани на дуелот со Борнмут.
„Би сакал да разберете дека првата личност со која ќе разговарам е мојот претседател. Ние одамна договоривме дека по завршувањето на сезоната ќе седнеме и ќе разговараме, а дури потоа заеднички ќе донесеме одлука. Сигурно нема да ви ја кажам мојата одлука пред да разговарам со претседателот, играчите и моите соработници“, порача Гвардиола.
Тој воедно му честиташе на Арсенал за освоената шампионска титула.
„Во име на Манчестер сити му честитам на Арсенал, на Микел Артета и на сите во клубот за освоената титула во Премиер лигата. Заслужија. Артета вложи огромен труд и работа и му честитам“, изјави Гвардиола.