Се чини дека Едерсон ќе го напушти Манчестер Сити по крајот на сезоната, а Пеп Гвардиола веќе го активираше радарот во потрага по нов голман.
Според информации од Островот, прв пик за „граѓаните“ е репрезентативниот чувар на мрежата на Португалија и член на Порто, Диого Кошта. 25-годишникот има откупна клаузула од 60 милиони евра, но Сити се надева дека ќе успее да го ангажира за околу 40 милиони – сума што беше платена и за трансферот на Едерсон од Бенфика во 2017 година.
Гвардиола верува во стабилната соработка со Порто од минатото и смета дека Кошта може да донесе сигурност на голманската позиција, особено по проблематичната сезона за „граѓаните“ кога станува збор за последната линија на одбрана.
Бразилецот често се соочуваше со повреди, па на голот почесто беше Стефан Ортега Морено. Но, и двајцата голмани се на излезна врата од „Етихад“.Едерсон, според медиумите, веќе ја прифатил идејата за заминување, но засега не е познато каде ќе ја продолжи кариерата. Саудиска Арабија долго време покажува интерес за него.
Од друга страна, Ортега е на радарот на Баер Леверкузен и Нотингем Форест, но не е исклучено во трката за неговиот потпис да се вмешаат и други клубови.