Црвена звезда ги стартуваше подготовките за новата сезона, но веднаш на почетокот се соочува со сериозен проблем првиот голман Омри Глазер не може да ја напушти територијата на Израел поради воената состојба во земјата.
На прес-конференцијата со која беа отворени подготовките, спортскиот директор Звездан Терзиќ откри дека ситуацијата е загрижувачка.
„Размислуваме за сите можни опции. Глазер е прв голман на Звезда, но гледате што се случува во Израел – конфликт со Иран, прашање е дали мажи можат да ја напуштат земјата додека трае кризата. Се надевам дека ќе се реши и дека ќе се приклучи на тимот“, изјави Терзиќ.
Тој потврди дека клубот веќе работи на план Б, доколку Израелецот не добие дозвола да се врати во Белград навреме.
„Ако не успее да дојде, ќе мораме да реагираме. Ситуацијата е комплексна, но нема да дозволиме тимот да остане без решение меѓу стативите“, додаде директорот на српскиот шампион.
Црвена звезда наскоро ќе ги одигра првите пријателски натпревари во склоп на летната програма, а од клубот се надеваат дека Глазер ќе успее да им се приклучи пред тие тестови.
Фото: FK Crvena zvezda