Големо славје во Сплит: Хајдук по 16 години ќе игра во главна фаза во Европа (ВИДЕО)

by Стефан
1 минути читање

Хајдук конечно го прекина 16-годишниот европски пост, сплитскиот гигант го елиминираше Раков со вкупен резултат 5-4 и обезбеди место во лигашката фаза од Конференциската лига.

За Хајдук ова е прв пласман во главната фаза на едно европско натпреварување по сезоната 2010/11, кога настапуваше во групната фаза од Лигата на Европа.

Реваншот против Раков донесе вистинска драма. Хрватите поведоа уште во првата минута преку Рон Раци и со минимална предност заминаа на пауза.

Гостите, сепак, не се предадоа и во 60. минута стигнаа до израмнување преку Ламин Диаби-Фадига. Хајдук брзо возврати, само шест минути подоцна Микеле Шего погоди за 2-1.

Кога се чинеше дека домаќините го имаат мечот под контрола, во 88. минута на сцена стапи поранешниот фудбалер на Динамо Загреб, Махир Емрели, кој го израмни резултатот и го одведе натпреварот во продолженија.

Во дополнителните 30 минути, херој на Хајдук стана Рокас Пукштас. Тој го постигна решавачкиот погодок и му донесе на сплитскиот клуб голема европска радост по долги 16 години чекање.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×