Германија до 21 година ќе игра во финалето на Европското првенство, откако во полуфиналето во Кошице со 3-0 ја победи Франција и стигна до своето четврто финале на овој турнир.
Младите „панцери“ го решија мечот уште во првиот квартал – Нелсон Вајпер во 8. минута се најде на вистинското место и погоди за 1-0, а само шест минути подоцна Ник Волтемаде ја удвои предноста и најави финале за Германија.
Французите до крајот се обидуваа да се вратат, имаа неколку убави шанси преку Одоберт, Аблине и Бари, но не успеаја да го најдат патот до мрежата. И Германците имаа свои моменти, а во последните секунди од натпреварот со голот на Груда предноста дополнително се зголеми.
Во битката за европската круна, Германија ќе се судри со актуелниот шампион Англија, која во другото полуфинале ја елиминираше селекцијата на Холандија.