Лацио е под истрага откако се случи хаос со позитивните тестови. Минатата недела, неколку фудбалери (особено Чиро Имобиле, Лукас Леива и Томас Стракоша) беа позитивни на ковид-19 на тестовите кои ги спроведе УЕФА пред мечот од Лигата на шампиони против Клуб Бриж.
Сепак, само неколку дена подоцна, на тестовите направени за Серија А, овие играчи беа негативни и настапија во победата над Торино. Потоа се случи нов пресврт, тестовите на УЕФА за дуелот со Зенит повторно покажаа дека играчите се позитивни, за вчера Лацио да направи нови тестови за Серија А во лабораторија во Авелино и сите да бидат негативни.
Денеска се огласи првиот човек, Клаудио Лотито кој даде лудо објаснување.
„Што значи да сте позитивен? Дали тоа што сте позитивен значи дека ширите зараза? Видете, во вагината на жените има бактерии, ама тие бактерии не секогаш носат зараза“– вели газдата на клубот од Рим.
Се говори дека проблем е тоа што при тестовите на УЕФА и Серија А се прават различни анализи, односно при тестовите на УЕФА се анализираат три компоненти, а при тестовите на Серија А се анализираат две компоненти.
Третата компонентна е спорна, во Серија А сметаат дека тоа е „лажно позитивен“.
Медиумите пишуваат дека еден играч на Лацио кој бил позитивен на тестот на УЕФА потоа од свој џеб платил приватно тестирање и добил негативен резултат.