Соопштението на ФК Скопје ви го пренесуваме во целост
Во врска со последно изнесените изјави во медиумите од страна на ФК Скопје, во кои се посочува на калкулантското и пристрасно однесување на судијата Марјан Гоцевски при натпреварот со ФК Работнички, ФК Скопје уште еднаш јавно го изразува своето незадоволство, кое овојпат е предизвикано како резултат на делегирањето на Гоцевски, повторно да суди во наредното коло.
Од причини на запознавање на спортската, но и на пошироката јавност, сметаме за неопходно да укажеме дека делегирањето на судијата Марјан Гоцевски се случува во услови во кои од нас како Клуб, сè уште се крие оцената која тој ја доби од контролорот Петре Илијоски, за својата крајно лоша арбитража, но и за грубото кршење на Правилата на фудбалската игра и на Одлуката на Меѓународниот борд на ФИФА.
За потсетување, со погрешната примена на одредбите содржани во погоренаведените акти судијата изврши повреда, која директно влијаеше врз конечниот резултат на натпреварот, и како таква, послужи како причина за изјавување жалба до Комисијата за натпревари при ФФМ.
Не помалку, одлуката на судијата Гоцевски претставуваше и еклатантен пример на непочитување на основните вредности врз кои се заснова спортот и на целите цитирани во Статутот на ФФМ, и поконкретно на чл. 5, ст. 1, т. 5 и 6: ,,поттикнување и оддржување на натпреварувачкиот дух на фудбалската игра, како и поттикнување на нејзиниот развој во духот на фер плеј и недискриминација по било кој основ“,
Имајќи го предвид погоре наведеното, вклучително и последниот обид да се забошоти оцената за судијата, ФК Скопје подвлекува дека ќе продолжи да ја бара правдата, настојувајќи да издејствува правна разврска со употреба на сите расположливи механизми на заштита.