Манчестер јунајтед тешко дека ќе беше во позиција речиси да има обезбедено место во Лигата на шампионите без својот капитен Бруно Фернандеш. Португалецот го презеде целиот товар и одговорност врз себе и практично сам ги предводи „црвените ѓаволи“ до третото место на табелата во Премиер лигата.
Покрај тимскиот успех, Фернандеш е на чекор до големо индивидуално достигнување.
Станува збор за рекордот по број на асистенции во една сезона во англиското првенство, кој моментално го делат Тиери Анри и Кевин де Брујне. Двајцата имаат по 20 асистенции во сезоните 2002/03 и 2019/20, додека Фернандеш во моментов е на бројката од 19.
Португалскиот репрезентативец е во одлична форма, со седум асистенции на последните седум натпревари. Доколку продолжи во ист ритам, не само што е блиску до израмнување на рекордот, туку има реална шанса и да испише нова историја.