На Тотнем му беа повеќе од потребни трите бода за да дојде поблиску до Јунајтед, Спарс водеа во голем дел од мечот, но во финишот Манчестер јунајтед од пенал дојде до реми.
Резултатот беше отворен во 27. минута кога Бергвејн ја претрча одбраната на Јунајтед, особено извиси Мегваер кој реагираше лошо, фудбалерот на Тотнем шутираше силно, топката одеше во Де Хеа но голманот не успеа да спречи таа да не влезе во неговата мрежа. Домаќините поведоа со 1-0.
Следуваа минути на Тотнем, Сон имаше убава шанса со глава, но овој пат Де Хеа одлично го одбрани неговиот удар.
Во второто полувреме Манчестер јунајтед нападна поагресивно, Тотнем добро се бранеше но му дозволи на противникот да создаде неколку шанси. Марсијал имаше една одлична прилика но Хуго Лорис со фантастична интервенција одбрани.
Во 80. минута Ерик Даер кој беше фантастичен до тој момент, направи прекршок за пенал, судијата покажа на белата точка а од неа Бруно Фернандеш беше непогрешлив за конечни 1-1.
Неколку минути подоцна судијата уште еднаш покажа пенал за Манчестер јунајтед, но по асистенција од ВАР одлуката беше променета, Фернандеш глумеше.
Манчестер јунајтед остана на петтото место со четири бода пред Тотнем кој е на осмата позиција.