Маурицио Сари во Наполи се промовираше како тренер кој негува убав за око и офанзивен фудбал, па фановите на Челси беа прилично возбудени кога Италијанецот седна на столчето на Стемфорд Бриџ.
„Сините“ добро ја започнаа сезоната, играта која имплементираше стратегот со голем посед на топка и многу додавања носеше резултати, па навивачите почнаа да го величат и да говорат за нов стил, односно „Сари-бол“.
Но како одминуваше времето, противниците се полесно се справуваа со играта на Челси, резултатите не беа на посакуваното ниво, а се случија и неколку тешки порази. Борнмут со 4-0 ги совлада „сините“, а Манчестер Сити ги прегази со 6-0.
Денеска Челси доживеа нов неуспех и загуби од Манчестер јунајтед на домашен терен во осминафиналето на ФА Купот. „Сините“ имаа очајно издание, па фановите решија да го изразат незадоволството.
Од трибините се слушаа најразлични скандирања како „Сари не знаеш што правиш“, „фак Сари-бол“ и „Сари наутро добиваш отказ“.
Последнава порака предизвика и реакција кај гостинските навивачи, кој решија малку да ги тролаат своите ривали па им порачаа „Вратете го Мурињо“.
Навивачите на Манчестер јунајтед потоа продолжија со „Оле, Оле, Оле“, покажувајќи поддршка за својот тренер кој откако го замени Мурињо ги препороди „ѓаволите“ и забележа одлични резултати, со исклучок на поразот од ПСЖ во Лигата на шампионите.