Селекторот на Брегот на Слоновата Коска, Емерс Фае, жестоко ги осуди изјавите на Бастијан Швајнштајгер, кој пред натпреварот со Германија го опиша стилот на игра на африканската репрезентација како „див“ и недоволно тактички дисциплиниран.
По историскиот пласман на неговата селекција во нокаут фазата на Светското првенство, Фае порача дека ваквите коментари се неприфатливи и дека можат да се окарактеризираат како расистички.
„Мислам дека тоа е тажно. Швајнштајгер беше навистина одличен фудбалер. Секогаш ми се допаѓаше како играч за врска и го ценев неговото разбирање на фудбалот. Кога ги слушнав неговите коментари, се разочарав од него како човек. Чудно е што може да зборува на таков начин. Ако сакаме работите да ги наречеме со вистинското име, би можеле тоа да го наречеме расизам. Сакам да покажеме дека африканските репрезентации не се само физички силни, туку и технички и тактички добро подготвени. Се надевам дека станува збор за несмасно формулирана изјава, а не за нешто во што навистина верува. Ако навистина така мисли, тоа е негово право. Можеби сакал да привлече внимание во улогата на стручен коментатор“, изјави Фае.