Шкендија Арачиново продолжува да го засилува тимот по стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. По поразот од Струга Трим Лум со 3-0 во дебитантскиот прволигашки настап, клубот промовираше две искусни засилувања.
Нов член на Шкендија Арачиново е Енис Фазлагиќ, поранешен македонски репрезентативец кој има еден настап за А селекцијата. Играчот од средниот ред низ кариерата ги мина сите младински репрезентативни селекции на Македонија, а по настапите за Скопје и Шкендија направи трансфер во словачка Жилина. Потоа го носеше дресот на Висла Краков, Дунајска Стреда, Горник Лечна, а последен клуб му беше албанска Вора.
Покрај Фазлагиќ, ново име во редовите на дебитантот е и искусниот дефанзивец Мевлан Адили. Тој ја започна кариерата во Шкупи, настапуваше и за Шкендија, а потоа играше за романска УТА, литвански Жалгирис, албанска Влазнија и руски СКА Хабаровск. Во последните години беше дел од Билис, повторно Шкендија, а пред доаѓањето во Шкендија Арачиново настапуваше за косовски Ѓилан.