Елмас во победата на Аталанта за првпат заработи црвен картон во Италија (ВИДЕО)

by Стефан
1 минути читање

Аталанта ја совлада Венеција со 3-1 во последниот натпревар од шестото коло во италијанската Серија А, но дуелот немаше среќен крај за македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој во 88. минута доби црвен картон.

Тимот од Бергамо го реши прашањето на победникот уште во првите 30 минути, кога трипати ја затресе мрежата на гостите. Франк Кеси го отвори резултатот во четвртата минута, по асистенцијата на Крстовиќ, кој само две минути подоцна се запиша и меѓу стрелците.

Црногорскиот напаѓач погоди по одличното нафрлување од корнер на Елмас, кој на тој начин ја забележа својата прва асистенција во Серија А во дресот на Аталанта. Крстовиќ беше расположен за игра, па во 30. минута го постигна и својот втор гол за убедливи 3-0.

Венеција успеа да го ублажи поразот во 37. минута, кога Хаинаут ја погоди мрежата на домашниот состав, но тоа не беше доволно за да се промени исходот на средбата.

Сепак, во завршницата следуваше непријатен момент за македонскиот репрезентативец. Елмас во 88. минута направи груб старт над противнички фудбалер, а по прегледувањето на ситуацијата со помош на ВАР, судијата му покажа црвен картон.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×