Роналдо зборуваше за односот со Меси, откри и како му помагал

by Стефан
1 минути читање

Кристијано Роналдо откри не толку познати детали за односот со Лионел Меси, со кого повеќе од една деценија водеше големи битки за трофеи и индивидуални признанија, доминирајќи на светската фудбалска сцена.

Во интервју за португалскиот „Си-ен-ен“, кое го пренесуваат и британските медиуми, напаѓачот на Ал Наср се потсети на заедничките моменти со аргентинската ѕвезда на церемониите за доделување фудбалски награди. Роналдо откри дека во неколку наврати му помагал на Меси со превод од англиски јазик.

„Петнаесет години заедно делевме сцена на доделувањата на наградите и секогаш имавме многу добар однос. Се сеќавам дека еднаш или двапати му преведував што зборуваат на англиски. Му објаснував каде треба да застане и што ќе го праша водителката. Таа ќе кажеше што ќе правиме, а јас ќе му пренесев на Меси. Беше забавно“, раскажа Португалецот.

Роналдо нагласи дека меѓу нив секогаш постоела меѓусебна почит, иако со години беа директни конкуренти во борбата за најголемите индивидуални признанија во фудбалот. Според него, ривалството било здраво и имало позитивно влијание врз двајцата, бидејќи секој сакал да биде подобар од другиот и постојано да ги поместува сопствените граници.

„Мислам дека имаше години кога тој сакаше да даде сè од себе и да постигнува голови, а истото го сакав и јас. Тоа беше здраво ривалство, слично на она што можеби го имаа Аиртон Сена и Ален Прост. Мислам дека меѓусебно се мотивиравме“, истакна Роналдо.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×