Македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас се радува на првиот трофеј во Италија, Наполи подобро изведуваше пенали од Јувентус, натпреварот во регуларниот тек заврши без голови.
Елмас мечот го почна од клупата за резерви, во игра влезе во 87. минута но имаше огромна шанса да ја донесе победата на Наполи уште во регуларниот дел.
Нашиот фудбалер во 93. минута шутираше од 2-3 метри, Буфон рефлексно го одбрани неговиот удар, а топката заврши во стативата. Многу малку фалеше Елмас да биде херој.
Пенал серијата почна лошо за Јувентус, Мерет му одбрани на Дибала, а Данило шутираше над голот, потоа погодија Бонучи и Ремзи. Но Наполи шутираше перфектно, реализираа Инсиње, Политано, Максимовиќ и Милик по што големото славје можеше да почне. Мечот беше решен пред последната серија во која требаше да шутира Роналдо.
Голема победа за Наполи, и момент кој вечно ќе го памети Елиф Елмас, покрај Горан Пандев тој е вториот наш фудбалер кој го освојува Купот на Италија.